Top Sport

Роан Денис е новиот светски шампион на хронометар

Австралиецот Роан Денис ја уништи конкуренцијата за со предност од над една минута да стигне до злато на трката на хронометар на Светското првенство во велосипедизам во Инсбрук, Австрија.

Денис имаше време од 1:03.02 за да го победи актуелниот шампион, Холанѓанецот Том Думулин за 1:21, додека Белгиецот Виктор Кампенартс беше бронзен со само 5 десетинки од секундата послабо време од Думулин.

„Ова е остварување на мојот сон. Ја бркам оваа титула од јуниорските денови и никогаш не сум победил, така што моментот е за одбележување“, вели Денис.

Трката на 52.2 километри долгата патека со рамен старт и многу нагорнини на финишот беше најавувана како пресметка меѓу Денис и Думулин, но на крајот Австралиецот беше апсолутно доминантен. За Думулин ова е сезона на втори места – 27-годишниот Холанѓанец беше втор на Џиро Д’Италија и на Тур де Франс, а беше дел и од тимот на Санвеб кој освои бронза во тимската трка на хронометар во неделата.

Фото: ЕПА

Scroll to Top