Top Sport

Роберта Винчи по 21 година стави крај на кариерата во Рим (галерија)

Поранешната финалистка од САД опен, Роберта Винчи имаше емотивно збогување со тенисот по последниот меч во кариерата на Италија опен во Рим.

35-годишната Винчи беше поразена од српската квалификантка Александра Круниќ со 2:6/6:3/6:0 по што следуваше емотивно збогување со домашната публика, додека на големиот екран на теренот „Пјетранџели“ одеа снимки од нејзините најдобри моменти.

„Сега плачам, но навистина сум среќна за тоа што го направив. Сакав да имам подобро збогување, но поразот е пораз. Не е лесно да зборувам сега, и само можам да кажам благодарам за сите прекрасни моменти. Од утре сум на одмор“, изјави Винчи, која доби 21 рози (по една за секоја година во кариерата) од претседателот на италијанската федрација, Анџело Бинаги.

Винчи го направи едно од најголемите изненадувања во историјата на женскиот тенис кога во полуфиналето на САД опен ја победи Серена Вилијамс, која беше носителка на претходните три гренд слем титули. Во италијанското финале, таа подоцна загуби од Флавија Пенета. Винчи исто така беше број 1 на ВТА листата во двојки, освојувајќи ги сите гренд слем турнири со својата партнерка Сара Ерани, а со Италија четири пати ја освои Фед куп титулата.

Scroll to Top