Top Sport

Сафин: Тешко дека Ѓоковиќ ќе се врати во топ-форма

Еден од најталентираните тенисери на својата генерација, двократниот гренд слем шампион, Марат Сафин се сомнева дека Новак Ѓоковиќ може да ја врати старата форма пред кам-бекот во 2018 година.

Сафин смета дека и следната година Рафаел Надал и Роџер Федерер ќе доминираат во машкиот тенис, а дека во меѓувреме ќе дојдат „новите момци“.

„И следната година Федерер и Надал ќе бидат на врвот, но не верувам дека Новак Ѓоковиќ ќе може да се врати во топ-форма. Енди Мареј ќе има променлива форма, но ако Федерер и Надал не се повредат, ниту тој нема да може да направи ништо“, вели контроверзниот Сафин.

37-годишниот Сафин победи на САД опен во 2000, откако во славно финале го победи Пит Сампрас, но кога му најавуваа славна кариера, тој успеа да стигне само до уште еден гренд слем – Австралија опен во 2005 година.

Тој вели дека враќањето на Надал е поимпресивно од тоа на Федерер, бидејќи тенисот е забрзан и потребно е да се трча повеќе.

„Федерер и Надал се тука предолго време. Ништо не се сменило од времето кога јас се повлеков во 2009 година. Но, наскоро доаѓа промената. Тие со над 30 години ќе го препуштат местото на помладите. Александер Зверев има огромен потенцијал, но уште е млад, и за две-три години ќе биде во пеколна форма“, вели Сафин.

Scroll to Top