Top Sport

Се продава НФЛ-франшизата Каролина Пантерс

Прославениот американски рап-музичар Шон (Диди) Комбс, во светот на музиката познат како Паф Деди и П. Диди, има намера да ја купи франшизата Каролина Пантерс во НФЛ-шампионатот.

Веднаш по објавувањето на информацијата, се огласи и ѕвездата на Голден Стејт, Вориорс Стеф Кари, со објавата дека сака да му се приклучи на познатиот рапер во преземањето на оваа франшиза.

Сопственикот на екипата од Северна Каролина, Џери Ричардсон, соопшти дека ќе ја продаде франшизата по завршувањето на сезоната затоа што се наоѓа под истрага на НФЛ бидејќи беше обвинет за сексуално вознемирување и расизам.

Ричардсон во неделата соопшти дека има намера да го продаде Пантерс, а Паф Деди веднаш се јави како прв купувач. Тој на социјалните мрежи објави видео во кое вели дека е подготвен да стане првиот Афроамериканец, сопственик на еден НФЛ-тим.

„Сакам и јас“, по неколку часа напишал кошаркарот Стеф Кари.

Каролина Пантерс е основан во 1993 година, а првата сезона во лигата ја одигра во 1995 година. Основач на клубот е токму Ричардсон, кој и денес има 48 отсто од акциите, а преостанатиот дел отпаѓа на 14 помали акционери.

Магазинот „Форбс“ ја процени вредноста на тимот на 1,56 милијарда долари, а раперот Паф Деди тежи 820 милиони долари.

Scroll to Top