Во сабота навечер на стадионот „Принсипалити“ во Кардиф, Ентони Џошуа ќе се обиде да стигне до 20. победа во својата професионална боксерска кариера, во дуел со Французинот Карлос Такам за ИБФ титулата во тешка категорија.
Британецот Џошуа е дефинитивно на „врвот на светот“, откако го совлада Владимир Кличко во април и ја има тешката категорија под своите нозе. Такам не беше првиот избор, но ќе „послужи“ откако бугарскиот предизвикувач Кубрат Пулев се повлече поради повреда на рамото.
„Кардиф е супер, сè изгледа навистина импресивно. Добро е повторно да влезеш во рингот. Чест е да ги бранам титулите. Тренирам со британските боксери во Шефилд и тоа е прекрасно. Им давам шанса да видат како тренира шампион и колку напорна работа е потребно. Уште одам во мојот стар аматерски клуб и тренирам со 10-годишни деца. Инспирацијата е многу важна“, вели 27-годишниот Џошуа.
Тој стана миленик на британската публика поради неговиот „приземјен“ стил за разлика од претходните британски боксерски ѕвезди како Дејвид Хеј и Тајсон Фјури.
„Можеш да го оствариш тоа што го гледаш пред себе и мораш да останеш вистински и реален“, објаснува Џошуа.