Ватерполистите на Шпанија ќе се борат за златниот медал на Светското првенство во Јужна Кореја. Шпанците во првото полу-финале ги детронизираа светските шампиони Хрватите со 6:5 (2:1, 2:1, 2:0, 0:3).
Шпанија против бранителите на титулата одиграа перфектна одбрана во првите три четвртини, во кои на Хрватите им дозволија да постигнат само два гола. Хрватска во сите сегменти на својата игра одигра далеку под своите стандарди, а особено тоа беше изразено во ситуациите кога имаа играч повеќе. реализираа само три од 13 такви ситуации.
Хрватска не само што нема да ја одбрани титулата, туки и ја испушти и втората шанса да избори пласман на Олимписките игри во Токио. Минатиот месец Хрватите од Србија го загубија финалето во Светската лига.
Блаи Марах за Шпанија постигна два гола, додека на другата страна со три гола најефикасен беше Маро Јоковиќ.
Шпанците ќе се борат за планетарното злато прв пат по пауза од десет години, а вкупно ова ќе биде нивно четврто финале. Уаспеаја да станат шампиони во 1998 во Перт и во 2001 година во Фукуока.
Противник во финалето на Шпанците ќе им биде Италија или Унгарија.