Иако далеку потешко од очекувањата, светската тенисерка број 1, Полјачката Ига Швјонтек се пласираше во ново финале на Ролан Гарос, победувајќи ја упорната Бразилка Беатриз Хадад Маја со 6:2/7:6(7) по два часа и 10 минути игра.
Швјонтек ќе се обиде да ја одбрани својата титула на земјените терени во Париз против Чехинката Каролина Мухова, која претходно во три сета ја совлада Белорусинката Арина Сабаленка. Полјачката, најдоминантната тенисерка на женската турнеја во последните неколку години, дефинитивно влегува како фаворитка во саботното финале.
Хадад Маја го започна мечот со брејк, покажувајќи дека е подготвена за битка, но потоа Швјонтек направи три брејка за да го освои сетот. И во вториот сет, Бразилката прва стигна до брејк за 2:3 водство, по што Швјонтек израмни и примора тај-брејк. Во неизвесниот тај-брејк, Хадад Маја успеа да спаси две меч-топки, но на крајот не и по третпат.
За 22-годишната Швјонтек ова е трето финале на Ролан Гарос, каде што има 13 победи едноподруго и до финалето стигнува без загубен сет.