Top Sport

Славниот „Понтијак Силвердоум“ се руши во недела!

Стадионот кој порано важеше за „најдобрата спортска арена на светот“ во недела ќе го доживее својот неславен крај – ќе биде срушен.

„Понтијак Силвердоум“, местото каде што се играше НФЛ, Светско првенство во фудбал и бројни концерти, беше напуштен во 2013 година, откако се оштети подвижниот покрив, а градот Детроит не можеше да помогне бидејќи банкротираше со долгови од 20 милијарди долари.

Стадионот беше отворен на 6 октомври 1975 година со НФЛ меч на Детроит Лајонс, и во следните 20 години беше дом на Супер бол 41, Ресл-манија 3, Светското првенство во фудбал во 1994, голема миса пред 93 илјади луѓе со папата Јован Павле Втори, а концерти имаа имиња како Ху, Елвис Присли, Лед Цепелин, Брус Спрингстин, Мадона, Мајкл Џексон и Пинк Флојд.

Во недела започнува процесот на рушење на напуштениот стадион, за кој ќе бидат потребни осум месеци. Каква е состојбата на стадионот доволно зборува тоа што тој се користеше како локација за овогодишниот филм „Трансформерс“ за да прикаже пост-апокалиптична атмосфера.

Стадионот, всушност, не се наоѓа во Детроит, туку во малото градче Понтијак, и е дело на локалниот архитект Дон Дејвидсон, кој сакаше да го преуреди центарот на градот во 1965 година. Цената на чинење беше 55.7 милиони долари (или сегашни 250 милиони долари ако се земе во предвид инфлацијата).

„Мислам дека ова е најдобриот стадион во моментов“, изјави Дејвидсон на отварањето на арената која имаше 80.311 седишта, 102 луксузни ВИП делови и беше најголемиот стадион во НФЛ до 1997 година до отварањето на „Фед екс филд“ во Вашингтон.

Последен професионален спортист кој стапна на „Силвердоум“ беше БМХ велосипедистот, Тајлер Ферненџел во јуни 2015 година.

„Беше лудо да се замисли дека некогаш имало и патека за мотоцикли на стадионот. Сега е како воеан зона“, изјави тој.

Последната употреба на стадионот беше како паркинг за 9.000 автомобили на Фолксваген кои беа вратени по скандалот со дизел-возилата на германската компанија.

Scroll to Top