Со саботната завршница на „Некст џен“ финалето во Милано (кое го доби Кореецот Хјеон Чунг) и експериментите со форматите, време е за „вистински“ тенис, меѓу најдобрите осум тенисери за 2017 година.
АТП финалето во Лондон, во фантастичната „О2 арена“, започнува денеска со два меча – Роџер Федерер-Џек Сок (15.00 часот) и Александер Зверев-Марин Чилиќ (21.00), меѓутоа во мислите на организаторите уште е Рафаел Надал и прашањата околу неговата подготвеност да се бори за единствената голема титула која недостасува во огромната колекција.
Надал и Федерер се во различни групи, така што би бил совршен климакс на сезоната во која двајцата ги поделија гренд слем титулите (Надал на Ролан Гарос и САД опен, Федерер на Вимблдон и Австралија опен), тие да се сретнат во големото финале.
Сепак, Надал во петокот призна дека не е 100 отсто подготвен за тенис, но дека ќе направи сè што може да биде во функција во понеделник за дуелот со Давид Гофан. Надал се повлече од пет АТП финалиња од 13 на кои можеше да настапи – во 2005, 2008, 2012, 2014 и минатата година. Овој период од годината неговото тело веќе е уморно поради неговиот бескомпромисен став кон тенисот, но вели дек би било совршено да се судри со Роџер Федерер, најмногу да ја избрише блиската историја во која загуби пет пати во низа од Швајцарецот.
„Би било совршено годината да се заврши со меч против Федерер за да добијам нова шанс“, вели Надал, кој загуби од Федерер во финалињата во Австралија, Мајами опен и Мастерсот во Шангај, како и во четвртото коло во Индијан Велс.