Стручни и научни аспекти
Спортот во државата не е адекватно дефиниран во повеќе аспекти и стратешки определби, како на пример: спортот е образование, наука и култура, етика, филозофија на животот, уметност, игра, забава и натпревар.
Науката за спортот е дефинирана како критериологија, наука за движење на човекот, и е дел од антропологијата, наука за човекот. Спортот асоцира на здрав и културен живот.
Кога станува збор за здравје, може да се дефинира дека здравјето не е отсуство на болест туку зависи од економските, социјалните состојби, од генетскиот фактор, старосната граница, неквалитетната исхрана, прекумерното користење алкохол, пушење, дрога, стрес, депресија и прекумерна телесна тежи и недоволна телесна активност (хипогликемија).
Во спортот како научна дисциплина аплицираат повеќе научни дисциплини, како на пример спортска психологија и педагогија, спортска социологија, спортска физиологија, спортска медицина, историја на спортот, кинезитерапија, методологија на истражување со статистика, антропометриска, биомеханика, методика и теорија на физичкото и здравствено образование, хигиена на телесното вежбање, спортска рекреација.
За спортот во глобала малку се зборува во електронските и печатените медиуми во однос на други дејности. Во медиумите спортот е застапен во неколку колективни и индивидуални спортови на меѓународен и домашен план, како на пример во фудбалот, ракометот, кошарката, во системот на натпревари СЕХА лига, АБА лига, Евролига, Премиер лига, Калчо лига, НБА лига, Лига на шампиони… Најчесто спортот во електронските медиуми е застапен во траење од 10 до 15 минути.
За поголема афирмација на спортот потребни се повеќе дебати емисии, јавни трибини, прес-конференции, интервјуа, конгреси за спорт.
Драматична е состојбата со изведување настава по физичко и здравствено образование во предучилишните установи, теренската и предметната настава во основно и средно образование и наставата на универзитетите во државата. Во однос на физичкото образование, не се оценува ниту образовната ниту воспитната компонента, уште помалку психомоторната или антропомоторната способност.
Наставата по предметот физичко и здравствено образование во образовниот систем е чиста формалност во однос на оценувањето на учениците и е контраиндикација во однос на здравствените аспекти и моторната способност на учениците. Потребни се реформи во однос на спортот и физичкото образование во државата.
Малку се работи на издавачката дејност во дејноста на спортот. Во спортските медиуми се чувствува потреба од континуирана едукација, доедукација и специјализација на наставниците, новинарите и спортските тренери.
Има потреба од школување на спортските новинари и тренери на Факултетот за физичко образование, здравје и спорт во Скопје. Во спортските медиуми дејноста спорт ја извршуваат голем број нестручни кадри, слична е состојбата со тренерскиот кадар.
Особено е критична состојбата со селекција на млади талентирани спортисти и се чувствува потреба од специјализирани кадри за оваа дејност од стручен и научен аспект.
Во однос на селекцијата во спортот, постои Спортска академија во Скопје во која слушаат настава околу 800 ученици во дисперзирани паралелки низ државата во неколку спортови, но за нивната селективност нема конкретни податоци.
Слична е состојбата и со училишниот спорт и системот на натпревари во училишниот спорт – кој не е селективен и е инцидентен, од натпревар на натпревар на градско и републичко првенство од причина што наставниците не се адекватно наградени за својата тренерска работа.
Има потреба од поинтензивна соработка и комуникација со владиниот и невладиниот сектор од страна на Агенцијата зa млади и спорт со националните спортски федерации, со невладините организации за спорт, сo МОК, ЗЕЛС, Собраниската комисија, Министерството за образование и наука, Факултетот за туризам и спортски менаџмент.
Во однос на спортскиот менаџмент, критична е состојбата со вработување дипломирани студенти во спортските организации, со Асоцијацијата на спортски новинари на Македонија, која е сè уште анонимна во однос на презентирање на програмата на Асоцијацијата пред спортските новинари и спортските тренери.
Особено се чувствува анонимност во работењето на Сојузот на организациите за физичка култура во Македонија, кој треба да биде организатор во соработката со другите национални федерации за спорт за поголема афирмација на спортот во глобала.
Потребно е повеќе да се зборува за едукација на навивачките групи во спортските клубови и друштва со цел да се намали насилството во спортот.
Осетно е подобрена спортската инфраструктура во државата во однос на спортски објекти и терени. Во предизборната кампања се ветува дека и натаму ќе се подобрува спортската инфраструктура, но проблем е како таа инфраструктура ќе се користи.
Изградени се бројни објекти, спортски сали, терени за колективни и индивидуални спортови во повеќе општини во државата, но проблем е како се користат тие објекти, колкава е популационата структура на корисниците од различна возраст и пол. Дали тие објекти и терени се издаваат под субвенција и се под приватен надзор. Во овој случај спортот станува привилегија на богатите.
Прашање е кои стручни кадри работат во овие објекти и терени во однос на едуцирани спортски тренери, спортски психолог, спортски лекар. Дали овие објекти се опремени со современи спортски справи и реквизити.
Во однос на финансирање на спортот, има потреба од реализација на научен проект за валоризација и категоризација на спортовите во Македонија врз основа на постигнати резултати на меѓународен и домашен план, наназад 5 до 10 години. Во однос на финансирањето, има потреба од основање центар за финансирање на спортот од познати бизнисмени и успешни компании.
Врз основа на досегашното искуство, има потреба од основање министерство за спорт и млади во 2018 или 2019 година.
Спортските медиуми имаат селективен и инцидентен пристап, во нивната информативна дејност најчесто се зборува за бизнис-трансфер систем и секс скандали во спортот, а малку се зборува за здравствените аспекти на спортот, за долг и здрав живот, за рационално користење на слободното време за спорт и рекреација.
Екрономанијата е контраиндикација за многу болести, особено кај младите, и доведува до намалена психомоторна способност, зголемена телесна тежина, намален имунитет и сл.
Недоволната телесна активност или хипокинезијата е контраиндикација за нарушување на здравјето и способноста и влијае негативно врз зголемување на телесната тежина како индикација на многу болести.
Во државата со зголемена тежина се регистрирани 700 000 лица независно од возраста, 270 000 ученици во основно и средно образование во Македонија се со пречки во развојот, кифоза, сколиоза, лордоза, 18 % се занимаваат со спорт, 82% не се активни во спортски активности, 19% користат дрога, алкохол и пушат, 7000 000 се пушачи независно од полот и возраста, а ова е предиспозиција за многу болести, кардиоваскуларни, дијабетес, остеопороза, спондилоза, белодробни заболувања, намален имунитет, телесни деформитети, забавено движење, деконцентрација и губење рамнотежа при движење.
Има потреба од донесување препораки од страна на владата на РМ за здрав и долг живот на граѓаните преку користење редовно телесно вежбање презентирано преку спортските медиуми. Има потреба од организирање конгрес за спорт и физичко образование.
Проф. д-р Ѓорѓи Спасов, самостоен истражувач и експерт за проучување на стратегијата за развој на спортот и физичкото образование