Top Sport

Стоилов и Радичевска лауреати на Град Скопје за 2019

Капитенот на ракометарите на Вардар Стојанче Стоилов во машка и каратистката на Макпетрол Сара Радичевска во женска конкуренција се најдобрите спортисти на Град Скопје за 2019 година.

Стоилов со Вардар ги освои титулите во Лигата на шампионите, СЕХА-лигата и домашниот шампионат, додека Радичевска го освои сребрениот медал на Европските универзитетски игри.

Стоилов наградата ја освои во конкуренција на борачите Могамедгаџи Нуров (3.место СП), Елмедин Сејфулахи (5.место ЕП), пливачот Евгениј Поп Ацев и каратистот на Макпетрол Петар Заборски (2.место Европски универзитетски игри).

Радичевска признието го освои во конкуренција на Анамарија Георгиевска (Таеквондо), атлетичарките Адријана Поп Арсова и Дрита Ислами, односно каратистката Сајра Морина.

На доделувањето на наградите доминираше РК Врадар. Покрај Стоилов награди добија Даинис Криштопанс (најдобар странски спортист) и РК Вардар (најдобар спортски колектив).

Најуспешен тренер е Суфијан Исмаили од боречкиот клуб Лирија, најдобар млад спортист е Бесир Алили од боречкиот клуб Лирија, а најдобар спортист во категоријата лица со посебни потреби е Марио Мицковски освојувач на два златни медали во пливање на Летните олимписки игри на Специјална олимпијада.

Најдобра во категоријата „најталентиран млад спортист-кадет“ е Александра Симева од Тениски клуб Тенис Парк.

Scroll to Top