Top Sport

Струмица Никоб во вторник против Динамо Апелдорн

ОК Струмица Никоб ги отвара вратите за сите љубители на одбојката и спортот, во вторник во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Противник на Струмица Никоб ќе биде холандскиот шампион, Динамо Драисма Апелдорн во елитното европско натпреварување ЦЕВ Европска лига на шампиони.

ОК Струмица е клуб со голема традиција од 75 години и како актуелен шампион во одбојкарското превенство на Македонија, а со поддршката од НИКОБ Групацијата како генерален спонзор оваа сезона, клубот е дел од елитното европско натпреварување ЦЕВ Европска лига на шампиони.

„Во Вторник го играме реванш натпреварот од првото квалификациско коло од ЦЕВ Лигата на шампиони против екипата на Динамо Драисма Апелдорн. Првиот натпревар го загубивме со 3:0. Сметам дека тоа не беше нашето вистинско лице. Ова патување во Холандија беше за нас тешко бидејќи патувавме некомплетни, нашите тројца Руски интернационалци беа одбиени за виза и не им беше дозволен влез во Холандија. Покрај тоа што бевме ослабени поради нивното не играње, тоа делуваше и демотивирачки цела екипа. Моравме да комбинираме со составот и реално немавме што да бараме резултатски на тој натпревар освен да се прикажеме во што подобро светло и по мотивирани да влеземе на вториот натпревар. Но , што е тука е , во Скопје ќе бидеме комплетни во полн состав и искрено верувам во успех и победа на нашата екипа на тој натпревар. Екипата на Динамо Апелдорн е составена од млади и перспективни играчи, сметам дека се квалитетни но исто така сметам и дека нашата екипа е подготвена да им се спротистави . Како предност го сметам домашниот терен но и тоа што во нашата екипа имаме доста искусни играчи кои на така битни натпревари можат да се справат со притисокот. Ова е прво историско учество за нашата екипа во Лигата на шампионите и за нас е од огромно значење да направиме добар резултат бидејќи ова го сметам како почеток на еден добар проект во одбојката во Македонија кој заедно со нашиот генерален спонзор Никоб групација планираме да го започнеме. Ја повикувам публиката да дојде во што поголем број затоа што сметам дека фалат добри натпревари и на клубско ниво“, изјави репрезентативецот Владо Милев.

Натпреварот во вторник ќе започне во 19 часот, влезот е слободен.

Scroll to Top