Top Sport

Супер-сензација – Гофан го помина Федерер во Лондон!

Во едно од најголемите изненадувања оваа година во тенискиот свет, Белгиецот Давид Гофан успеа да го елиминира Роџер Федерер во полуфиналето на АТП финалето во Лондон со импресивна 2:6/6:3/6:4 победа и сега го чека подобриот од дуелот Григор Димитров-Џек Сок во големото финале на завршниот турнир.

Пред овој меч, Гофан имаше шест порази во шест мечеви против 19-кратниот гренд слем шампион, но овојпат беше во одлична форма, враќајќи се од сет негатива за фуриозна победа, најголема во неговата кариера.

„Толку сум среќен што пред оваа прекрасна публика стигнав до првата победа над Роџер Федерер во кариерата. Немам зборови. Се чувствував навистина добро во текот на целиот ден и не ја загубив вербата дека можам да победам. Кого преферирам во финалето? Ако ги погледнавте сите мечеви оваа недела го знаете одговорот. Ќе се обидам да ја играм мојата игра против било кого“, вели Гофан, кој загуби со 6:0/6:2 од Димитров во мечевите по групи.

Тениската година за Гофан нема да заврши во недела, бидејќи го чека и финалето во Дејвис купот, во кое Белгија ќе се обиде да ги изненади Французите на гости во Лил.

Федерер од друга страна пропушти шанса да се доближи до првото место на АТП листата со голем број на поени кои ќе ги освоеше со титула во Лондон. Тој може да оди на одмор и да се подготвува за новата сезона.

Scroll to Top