Мајк Тајсон му порача на Дионтеј Вајлдер да „порасне“ и да престане да се жали откако заработи 90 милиони долари за поразот од Тајсон Фјури.
31-годишниот Британец Фјури му ја одзеде ВБЦ титулата на Вајлдер со фантастичен нокаут во седмата рунда во февруари во ри-меч по првиот дуел во декември 2018 кој заврши со „реми“. Американецот зачудувачки најде низа изговори за поразот, тврдејќи дека костумот со кој влегол на мечот му ги „ослабел нозете“, пред да го нападне помошникот тренер Марк Бреланд, кој го фрли пешкирот за да го сопре мечот.
Но, Тајсон, кој во својата кариера имаше неколку шокантни порази, како тој од Бастер Даглас во 1990 година, вели дека Вајлдер треба да замолчи.
„Вајлдер се предава: ’Ох, мојот живот е готов, заработив 90 милиони долари, сакам да умрам’. Дај порасни веќе еднаш. Продолжи да се бориш додека навистина не е готово. Тој уште може да заработи многу пари и не треба да се чувствува тажен или депримиран. Кога ќе загубиш, во следниот меч излегуваш со повеќе самодоверба и сила“, вели Тајсон.
Вајлдер веднаш побара ри-меч, кој поради корона вирусот е закажан за октомври, но 53-годишниот Тајсон, вели дека неговиот сонародник не бил истиот фајтер од првиот меч.
„Во вториот меч тој едноставно немаше сила. Во првиот меч влезе со верба дека ќе победи, а во вториот се бореше без жар, без живот. Дали може да победи? Секако, секогаш има шанса, но тоа зависи од тоа што сака да го даде. Ако не ги направи истите грешки нема да биде исто. Но, на крајот ќе направи многу пари, така што не е толку лошо“, додава Тајсон.