Претседателот на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП), Крис Кермоуд вели дека експерименталниот формат по кој се игра „Некст џен“ финалето во Милано може да има голема иднина и за десет години да стане реалност во светот на тенисот.
„Некст џен“ во Милано ги собра најталентираните млади тенисери (до 21 година), и таму се игра на три добиени сета до 4 гема, нема „предност“ туку директно освојување на поени, нема „лет“ (преигрување доколку топчето при сервисот ја погоди мрежата и влезе во терен), а „Соколовото око“, електронскиот систем за одредување на линиските одлуки се користи на секој поен.
Во исто време, АТП турнејата и гренд слем турнирите се играат според старите добри правила, кои имаат потекло во 16-тиот век.
„Ретко се возбудувам за вакви работи, но тоа што го видов во Милано навистина ме ‘загреа’. Еден од организаторите на АТП 250 турнир денеска ме праша дали можеме да експериментираме на неговиот турнир. Многумина мислеа дека сум луд со овој проект. Дали во следните пет години ќе се случат големите промени – пет сета, 4 гема? Нема шанси. За 10 години? Да, тоа е можно“, вели Кермоуд.
Едно правило кое може да дојде бргу и на „вистинските“ турнири е тоа за ограничувањето на 25 секунди меѓу поени. Мечевите во Милано траат релативно исто како обичен меч во два добиени сета, но чувството е поинтензивно – секој поен е важен.
„Не е важно само да го намалиме времето. Ако нешто е досадно шест часа, тогаш ќе биде досадно и шест минути. Сакаме да го снема ‘мртвото време’, поените да важат повеќе“, додава Кермоуд.