Доминик Тим се намачи со Пабло Карењо Буста, пред да го совлада со 6:3/3:6/6:4 и да ги задржи шансите за пласман во полуфиналето на АТП финалето, за што ќе одлучува во директен дуел со Давид Гофан.
Карењо Буста беше повикан како резервна на турнирот во „О2 арената“ по повлекувањето на светскиот број 1 Рафаел Надал поради повредата на коленото, и тој се обиде достојно да го замени шпанскиот сонародник и да им приреди мало шоу на фановите во Лондон во интересна борба во три сета. Двајцата тенисери не беа во најдобра форма по УС опен, и заедно имаа само три победи на АТП турнејата.
Откако Григор Димитров го победи Гофан во попладневниот меч, тој го обезбеди првото место во групата „Пит Сампрас“ и ги остави Гофан и Тим да се борат за второто место, кое неизбежно носи пресметка со Роџер Федерер во полуфиналето.