Top Sport

Титули за ветеранките Кузнецова и Бузарнеску

Светлана Кузнецова спаси четири меч-топки, за во неверојатен меч да ја победи Хрватката Дона Векиќ во финалето на Сити опен во Вашингтон.

Двократната гренд слем шампионка беше пред пораз во вториот сет, но успеа да се врати за 4:6/7:6(7)/6:2 за втора титула во Вашингтон по таа во 2014 година и прва по долгата пауза поради повреда. Векиќ пропушти четири меч-топки во тај-брејкот во вториот сет, пред Русинката да се врати и да примора трет сет.

„Во вториот сет мислев само како да го одиграм следниот поен. Во третиот, почувствував дека таа се умори, а јас се чувствував многу добро“, вели Русинката, за која ова е прва титула од Кремљ купот во 2016 година.

Во Сан Хозе пак, 30-годишната Романка Михаела Бузарнеску стигна до својата прва титула во кариерата, откако со 6:1/6:0 ја „здроби“ Гркинката Марија Сакари. Бузарнеску, која беше сметана за една од најталентираните јуниорки, имаше две операции на коленото и падна на 891. место на ВТА листата, користејќи ја паузата да стане доктор по спортски науки. Ова беше трето финале за Бузарнеску оваа година, по поразите во Хобарт и Прага.

„Тоа значи дека без разлика на тоа што ти се случува во животот, ако веруваш и не се предадеш можеш да успееш“, вели Бузарнеску.

Scroll to Top