Top Sport

Тур де Франс повторно со „пеколна“ рута

Крис Фрум ќе има тешка задача да освои рекордна петта титула на Тур де Франс, откако организаторите на најголемата велосипедска трка на светот го објавија распоредот за трката во 2018 година.

Британецот Фрум ќе се обиде следното лето да се израмни со Белгиецот Еди Меркс, Французите Жак Анкетил и Бернар Ино и Шпанецот Мигуел Индураин. Фрум оваа година триумфираше на ТдФ и на Вуелта Еспања, додека Џиро д’Италија му припадна на Холанѓенцот Том Думулин.

105. издание на Тур де Франс има трка на хронометар од 31 километри во Баскија во претпоследниот ден тркање, што дава вистинска шанса за светскиот шампион во трки на хронометар, Думулин пред 32-годишниот Фрум.

„Дуел меѓу Крис Фрум и Том Думулин, двајца велосипедисти со слични квалитети не би ми пречел. Така двајцата би морале да направат нешто поинаку за да се изненадат. Ова е нова генерација на велосипедисти која сака да забавува. Нова возбудлива ера во велосипедизмот“, вели директорот на трката, Кристијан Прудом.

Фрум на церемонијата ја доби наградата „Вело д’ор“ како најдобар велосипедист во сезоната која изминува, и награда која ја добива третпат по 2013 и 2015 година.

Трката почнува на 7 јули, една недела подоцна поради Светското првенство во фудбал во Русија, и се отвара со рамна 189 километри долга етапа од Ноармутие до Фонтене во областа Венде на атлантскиот брег. На патеката има 25 планински искачувања, од кои 11 се на Алпите, 4 на Масиф, а 10 на Пиринеите. „Тешкото“ почнува од 10. етапа, кога има три последователни денови на планински етапи на Алпите.

Scroll to Top