Top Sport

Турнирот во снукер „Скопје Опен 2017“ ќе се одржи викендов

Брзорастечката снукер заедница во Македонија претстојниов викенд ќе има можност да се насладува со убедливо најинтересниот турнир досега игран во Македонија, насловен како „Скопје Опен 2017“, кој ќе се игра според сите светски стандарди за овој вид натпреварувања.

По неодамнешниот повик за пријавување, организаторите од „Гран Клуб“ имаат чест да соопштат дека сите 32 места беа пополнети екстремно брзо, при што беше покажана огромна заинтересираност од најдобрите снукер играчи во регионот.

Една половина од учесниците се од Македонија, предводени од државниот шампион Павле Данилов.

Најсилниот предизвик се очекува да бидат гостите од Бугарија, кое ќе бидат вкупно седум, а меѓу нив се Братислав Крстев, единствен лиценциран тренер за едукација на снукер тренери од страна на Европската билијард и снукер асоцијација (ЕБСА), и талентираниот јуниор Теодор Чомовски.

Листата е заокружена со три учесници од Србија и пет учесници од Албанија, предводени од Огерт Шкрепа, претседател на Албанската снукер федерација.

Возраста на пријавените играчи е од 15 до 55 години, а системот на игра предвидува ждрепка на еден ден пред почетокот на турнирот.

Натпреварите се играат во сабота и недела, 9 и 10 декември, со почеток во 10 часот. Елиминациите во првите три кола се играат во две добиени партии, додека полуфиналето и финалето се играат во три добиени партии.

Големото финале е закажано в недела со почеток од 21 часот, по што ќе бидат доделени медали, пехари и признанија за најдобрите.

Сите оние кои што сакаат да присуствуваат и да ги проследат мечевите во живо, имаат отворена покана бидејќи влезот е слободен.

Резултатите ќе можат да се следат преку веб-страната snookeron.com, а сите мечеви ќе бидат снимани и пренесувани во живо на Youtube на Gran Klub каналот, и тоа во целосна HD резолуција, a за секој меч поединечно ќе постои статистичи обработена база на податоци, што всушност и претставува своевидна новина во нашите турнири.

Scroll to Top