Пред нивната пресметка на УФЦ 253 во Абу Даби во сабота, Израел Адесања и Пауло Коста имаа бурно соочување во петокот, во кое за малку ќе настрадаше шефот на УФЦ, Дејна Вајт.
Бразилецот Коста прв се појави на сцената и се ракуваше со Вајт, за потоа кога Адесања се приклучи, Коста го покажа својот црн појас во џудо и извади бел појас кој го фрли кон противникот. Потоа настана мешаница, која Вајт успеа да ја смири и покрај саркастичните удари со нозе на Адесања и размената на навреди.
Новозеланѓанецот со нигериско потекло, Адесања претходно оваа недела се потсмеваше со 13-0 скорот на Коста, и изборот на слаби противници.
„Видете кого победил! Џони Хендрикс, кому времето му е поминато, Јураја Хол, кој ментално се скрши и Јоел Ромеро, кој исто така беше на заминување“, изјави Адесања, кој исто така има 19-0 скор.