Ветеранот Дерек Брансон го расипа шоуто на младата УФЦ ѕвезда Едмен Шахбазјан во главниот меч на УФЦ он Вегас 5 во интересна пресметка во средна категорија.
По неколкуте мечеви на „Островот на борбите“ во Обединетите Арапски Емирати, УФЦ се врати во САД со дуел на 22-годишниот Американец со ерменско потекло, Шахбазјан, кој се надеваше дека ќе стане најмладиот УФЦ шампион по Џон Џонс, но не сметаше на упорниот Брансон.
Брансон по првата рунда во која беа споделени повеќе удари, во втората успеа да го собори противникот и беше блиску до победа, пред крајот на рундата да го спаси Шахбазјан. Во третата рунда, Брансон повторно беше доминантен за судијата да го прекине мечот и Шахбазјан да го забележи првиот пораз по 11 победи.