Во недела во која го обвини својот противник дека е домашен терорист, УФЦ ѕвездата Колби Ковингтон вети дека ќе го победи во сабота. Ковингтон, кој е огромен поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп во Лас Вегас ќе се бори со Тајро Вудли, кој пак, е голем поддржувач на движењето „Black Lives Matter“.
Двајцата имаа посебни прес-конференции пред мечот, и Ковингтон повторно се пофали со пријателството со Трамп.
„Претседателот ќе ме гледа оваа сабота. Што е со вас, снегулки?“, се обрати Ковингтон кон фановите.
Вудли, кој носеше маичка со БЛМ и со пораката „Направете ги расистите повторно да бегаат“, очигледно многу го налути Ковингтон.
„Ваква фаца ќе направам кога ќе дадам опасна лекција за американска решителност на еден симпатизер на домашните терористи“, додаде Ковингтон.
Вудли пак, вели дека се дистанцирал од Ковингтон бидејќи смета дека УФЦ мора да го следи примерот на НБА и да посвети поголема поддршка на движењата за социјална правда, нешто што е тешко да се верува, бидејќи и претседателот на УФЦ, Дејна Вајт е голем поддржувач на Трамп.
„Како спортист со платформа, сметам дека имам огромна социјална одговорност, бидејќи повеќето спортисти, посебно Афро-Американците, доаѓаат од сиромашни семејства и од такви предградија. Би сакал УФЦ да направи нешто повеќе и не сум задоволен од тоа“, вели Вудли.