Top Sport

УФЦ му се заканила со тужба на Нгану часови пред неговата борба со Ган

УФЦ се заканила дека ќе го тужи својот апсолутен шампион во тешка категорија, Френсис Нгану, неколку часа пред тој да влезе во кафезот со Сирил Ган, откако неговиот агент најавил средба со соработниците на Џејк Пол.

Нгану открива дека се подготвувал да патува до „Хонда центарот“ во Анахајм, Калифорнија во саботата, кога неговиот агент Маркел Мартин му кажал дека добил имејл во кој му се закануваат со тужба поради тоа што тој разговарал со Накиса Бидаријан, бизнис-партнерот на Џејк Пол.

„Влегов во собата и го чекав менаџерот и тренерот. И тогаш ми кажаа дека УФЦ ќе не тужат за зборување со тој човек Накиса. Зачудувачки“, вели Нгану.

Накиса Бидаријан е поранешен финансиски шеф на УФЦ, кој сега работи како советник на Јутјуб сензацијата и боксерска ѕвезда, Џејк Пол. Ова е само уште еден момент од конфликтот на Нгану со УФЦ и претседателот на федерацијата, Дејна Вајт.

По победата во саботата, Вајт реши да не му го додели појасот на Нгану, а исто така не се појави на прес-конференцијата по мечот. Интересно, доколку Нгану го загубеше мечот, ќе го загубеше и договорот со УФЦ и ќе станеше слободен агент. Но, бидејќи победи, тој останува под договор за една година или три наредни меча, што ќе се исполни побргу.

Нгану вели дека за победата ќе добие само 600.000 долари, додека добил понуда од 7 милиони долари за еден боксерски меч.

Scroll to Top