Додека боксерските фанови се подготвуваат за вечерниот меч за обединување на титулите во тешка категорија во Кардиф меѓу Ентони Џошуа и Џозеф Паркер, носителот на ВБЦ појасот, Американецот Дионтеј Вајлдер направи шокантно признание дека не би му било проблем да убие противник во рингот.
„Бронзениот бомбардер“ е еден од боксерите со најсилен удар во тешката категорија, откако нокаутираше 39 од своите 40 противници. Тој реши да не присуствува на мечот меѓу Џошуа и Паркер и наместо тоа застрашувачки призна дека сака да убие некој во рингот.
„Сакам тело зад мене. ’Бронзениот бомбардер’ сака тело. Секогаш кажувам дека кога сум во рингот сум ’Бронзениот бомбардер’. Тој е луд човек и кога сум таков не ми е грижа. Сѐ околу мене се менува. Не сум нервозен, не сум исплашен, немам чувства кон човекот со кого боксувам“, изјави Вајлдер.
Коментарите на Американецот веднаш наидоа на осуда, и претседателот на ВБЦ федерацијата, Маурисио Сулаиман изјави дека ќе го истражи својот шампион во тешка категорија.
„Тоа не е прифатливо и дисциплинската комисија на ВБЦ ќе ја разгледа ситуацијата. Го познавам Вајлдер долго време и го почитувам, и не ми се верува дека може да каже дека сака да убие некого во рингот“, изјави Сулаиман.
Еден од најбруталните нокаути во кариерата на Вајлдер беше против Полјакот Артур Шпилка во Њујорк во јануари 2016, кога Полјакот не се движеше по нокаутот.
„Мислев дека тогаш го имам тоа тело, бидејќи Шпилка не дишеше кога падна на подот. Некој мора да оди, бидејќи кога сум во рингот, тоа таму не е Дионтеј Вајлдер“, додаде Американецот.