Top Sport

Вајратер ја продолжи семејната традиција (видео)

Тина Вајратер ја одбрани својата титула од Светскиот куп во супер-џи, и покрај тоа што беше само шеста на последната трка во Оре, Шведска, каде што до победата стигна Италијанката Софија Гоџија.

Скијачката од Лихтенштајн го обезбеди глобусот откако Швајцарката Лара Гут, единствена која можеше да и го одземе првото место излета од патеката. Италијанката Гоџија, која вчера ја освои титулата во спуст, стигна до победа со 1:07.92, пред Германката Викторија Ребензбург (+0.32) и Американката Линдзи Вон (+0.53).

Вајратер има 461 освоени поени пред Гут со 375, додека Австријката Ана Фајт е трета со 339 поени. Со титулата, Вајратер додава на семејното „благо“ – на седумте мали кристални глобуси на нејзината мајка, Хани Венцел, три на нејзиниот вујко, Андреас Венцел, и една на нејзиниот татко, Харти Вајратер.

Во машката супер-џи трка, Австриецот Винсент Крихмаер стигна до втората победа во исто толку денови, со тесни 0.04 секунди пред Италијанецот Криштоф Инерхофер, додека Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал и Германецот Томас Дресен го поделија третото место со 0.08 секунди послабо време.

Крихмаер, кој во средата го подели триумфот во спустот во Оре со сонародникот Матијас Маер, сега има три победи во кариерата, откако првата ја оствари на супер-џи трката во Бивер Крик во декември.

Кјетил Јансруд, кој веќе го имаше освоено кристалниот глобус, беше само шести, завршувајќи ја сезоната со 80 поени пред Крихмаер во генерален пласман.

„Сезоната беше навистина добра. Започнав со победа и бев на подиумот на доста трки, но добро што титулата ја освои пред оваа трка ако се погледаат резултатите“, вели Јансруд.

Свиндал има четири титули во супер-џи, Јансруд три, така што Норвешка има седум сезони со титула во супер-џи.

Фото: ЕПА

 

Scroll to Top