Словенечкиот ветеран Јернеј Дамјан стигна до својата втора победа во кариерата, и прва од 2014 година, откако беше најдобар во двата скока во Рука, Финска, на второто натпреварување од Светскиот куп.
Дамјан скокна 140 и 142 метри за да собере 301.4 поен и да го совлада Норвежанецот Јохан Андре Форфанг со 298.6 поени (136.5 и 142 метри) и Германецот Андреас Велингер со 293 поени (два скока по 140 метри).
Во генерален пласман по две натпреварувања останува Јапонецот Џуниширо Кобајаши, победникот од Висла со 126 поени, пред Дамјан со 100 поени и Даниел Андре Танде со 95 поени.
Следни натпреварувања на календарот се следниот викенд во рускиот Нижњи Тагил.
Во нордиска комбинација во Рука, Јоханес Ридзек донесе германска победа со 0.6 секунди пред колегата Ерик Френцел, додека подиумот го комплетираше домашниот фаворит Еро Хирвонен. Јапонецот, Акито Ватабе победи на Рука трипл натпреварувањето, откако беше 11. во неделното натпреварување.