Top Sport

Виландер за грчевите на Алкараз: Новак е причината

Швеѓанецот Матс Виландер, седумкратниот Грен слем шампион, ги анализираше проблемите со кои се соочи Карлос Алкараз во полуфиналето на Ролан Гарос во петокот. Коментаторот на Еуроспорт изјави дека Новак Ѓоковиќ открил слабост кога е во прашање 20. годишниот Шпанец.

Ѓоковиќ во полуфиналето го совлада актуелниот број 1 со 6:3, 5:7, 6:1, 6:1. Алкараз од почетокот на третиот сет до крајот на мечот имаше проблеми со грчеви.

„Грчевите ги предизвика Новак, и само Новак. Разликата во начинот на кој се движи Новак, дури и кога е исцрпен и начинот на кој се движи на Алкараз е огромна. Никогаш не сум видел вакви сцени кога е Алкараз во прашање, а Новак ја разоткри неговата слабост. Сигурен сум дека напнатоста и стресот исто така играа улога. Досега не сум видел Карлос да има проблеми со грчеви, но не можам да замислам дека тој не беше совршено физички подготвен за овој дуел, изјави Матс Виландер.

„Алкараз до почетокот на грчевите трчаше во просек по 20 метри. Одиграа 155 поени, тоа се 3.000 метри, тоа се 30 спринтови на 100 метри за два часа. Карлос не оди, тој спринтува за секоја топка. Новак игра „мазно“, а Карлос не ја чита толку добро играта, па мораше да направи повеќе чекори“, изјави поранешниот играч број еден во светот.

Ѓоковиќ во финалето ќе се бори за рекордна 23. Грен слем титула, а противник ќе му биде Норвежанецот Каспер Руд.

Scroll to Top