Австралиецот, кој по завршувањето на Вимблдон, стана побогат за 222.000 долари, верува дека неговиот сонародник Ник Кирјос може да го освои првиот гренд слем во сезоната, Австралија опен.
Овој човек минатата година со 67.000 долари се обложил дека Роџер Федерер ќе го освои Вимблдон. Овој облог му донесе убава сума поради што тој решил дел од овие пари да инвестира во сонародникот Кирјос.
Неименуваниот обложувач сега ставил 40.000 долари на облогот дека Кирјос ќе победи на Австралија опен.
Доколку тоа се случи, овој човек ќе заработи 840.000 долари. Овој облог е изненадување и за букмејкерите во Австралија бидејќи Кирјос неодамна се врати на терените откако два месеца отсуствуваше поради повреда на колкот, а проблемите се зголемија пред неколку дена кога на првиот меч по паузата двапати побара медицински тајмаут поради проблеми со коленото.
„Кога ќе ја исправам ногата, чувствувам болка, имам некаква течност во пределот на коленото, но сигурен сум дека сѐ ќе биде добро и ќе играм во Мелбурн“, рекол Кирјос.
Контроверзниот тенисер на првиот турнир по паузата стигна до четврт-финалето. Негов противник во оваа фаза на турнирот во Бризбејн ќе биде Украинецот Александар Долгополов.