Top Sport

Време е Димитров да застане на „големата сцена“

Григор Димитров има 26 години и сигурно не е „некст џен“ материјал, но откако ја комплетираше најдобрата сезона во кариерата со трофеј на АТП финалето во Лондон, мора да се очекува бугарската суперѕвезда да освои гренд слем трофеј и да застане меѓу великаните.

Повеќе години Димитров беше сметан како „следната“ ѕвезда на тениската турнеја, но својата фантастична техничка игра, една од најубавите „за око“ во светот на тенисот, не успеа да ја круниса со трофеи. До јануари оваа година тој немаше освоено АТП трофеј две и пол години.

Но, по победата над Давид Гофан во судир на врсници во Лондон, Димитров, кој најдобар пласман му се две гренд слем полуфиналиња, ќе биде број 3 зад Рафаел Надал и Роџер Федерер во 2017 година и самиот знае дека мора да биде подобар на големите турнири.

„Секако, мојата главна цел е да се освои турнир, гренд слем турнир. Тоа секогаш било и ќе биде мој сон. Сега, конечно, мислам дека времето доаѓа. Имав добри резултати во минатото, но сега морам да бидам попостојан на големите турнири и да го кренам нивото на игра како тука. АТП финалето е неверојатен успех за мене, но имам уште многу за давање“, изјави Димитров по победата во Лондон.

Еден од клучните луѓе во „ренесансата“ на Димитров беше поранешниот тренинг-партнер на Енди Мареј, Шпанецот Дани Валверду, кој оваа година успеа да му ја врати самодовербата и да го натера да освои повеќе од три добри поени во низа. Димитров вели дека „слагалката“ полека се решава.

„Со вистински ментален пристап, со вистински луѓе, вистинска поддршка, работите се случуваат. Тој период ми помонга многу. Мислам дека ми требаа тие лоши шест месеци за да одлучам што е вистинско и што треба да направам за да стигнам до целта. Малку по малку, капка по капка, тука сум“, додава Димитров.

– Димитров е „Бејби Фед“

Григор Димитров го доби прекарот „Бејби Фед“ рано во кариерата, бидејќи бекхендот со една рака и движењето на сервисот беше сличен со тој на Роџер Федерер, а прекарот му „тежеше“ во минатото. Откако го победи Енди Мареј на патот до првото четврт-финале на гренд слем турнир на Вимблдон во 2014, тој на следните девет гренд слема не стигна до таа граница.

– Двете најголеми титули ги освои во 2017

Победата во Лондон ја комплетираше најдобрата сезона на Димитров во кариерата, откако ја освои Мастерс 1000 титулата во Синсинати во август и стигна до второто гренд слем полуфинале во Австралија. Јуниорскиот шампион од 2008 од Вимблдон, освои уште две титули – Бризбејн Интернешнл во јануари (прва титула по две и пол години), и Софија опен во својата родна Бугарија.

– Жените навистина го сакаат

Димитров беше во врска со поранешната светска тенисерка број 1, Марија Шарапова две години, а сега е во врска со поранешната пејачка на „Пусикет долс“, Никол Шерцингер, која пак претходно беше во долга врска со Ф1 шампионот, Луис Хамилтон.

– Спортско семејство

Спортот е во крвта на Димитров. Неговиот татко Димитар е тениски тренер, додека неговата мајка, Марија беше одбојкарка. Гришо е син единец.

Димитров, конечно, покажа дека е тениски „мастер“

Scroll to Top