Здружението на тенисерки – ВТА активно работи на промовирање на потребата за вакцинирање против Ковид 19. Дел од тениските ѕвезди како Ешли Барти и Наоми Осака ја поддржаа иницијативата, но сепак акцијата не најде одобрување кај тел од тенисерите и тенисерките.
Меѓу најгласните противници на вакцинирањето се Андреј Рубљов, Диего Шварцман, Елина Свитолина и Арина Сабаленка.
Поради пандемијата на коронавирусот тенисот е во големи проблеми – патувањата се отежнати, а салите и стадионите се празни, а наградните фондови на турнирите се се помали.
„ВТА ги охрабрува сите да се вакцинираат, ќе им помогнеме на сите кои се заинтересирани. Нудиме и советување со медицински професионалци доколку некој има потреба. Нашиот став е дека вакцинацијата е клучна за светскиот тенис да се врати на состојбата на која беше пред пандемијата“ – велат од ВТА.
Сепак, дел од тенисерите не мислат така.
„Можеби ќе помогнам на некој од моето семејство да се вакцинира, но чично не сакам да се вакцинирам. Никогаш не сум ја добил, тоа не е традиција во моето семејство“ рече аргентинскиот тениски ас, Диего Шварцман.
Со сличен став е и неговиот руски колега.
„Како што стојат работите во моментов, вакцината не ни дава некој бенефит за учество на турнирите. Ако ме прашате дали би се вакцинирал да имам право на избор – одговорот е не“ – рече осмиот светски играч, Андреј Рубљов.
Во моментов на вакцината не и верува и Белорусинката Арина Сабаленка.
„Моментно баш и не и верувам на вакцината. Ако морам ќе се вакцинирам затоа што живеам со патување. Искрено милсма дека до сега немаше доволно време да се направи добра вакцина“ смета таа.