Top Sport

Вуелта: Галопан ја доби драматичната седма етапа (видео)

Французинот Тони Галопан (АГ2Р) стигна до соло победа на седмата етапа на Вуелта Еспања по драматичен финиш, за да избие во топ 5 во генерален пласман на место на несреќниот Полјак Михал Квјатковски, кој падна на надолнината во последните 10 километри од етапата од Пуерто Лумбрерас до Позо Алкон.

Ветеранот Галопан имаше фантастичен обид по кој го помина Шпанецот Хезус Ерада (Кофидис) на два километри пред крајот, за да издржи за прва етапна победа на Вуелта во кариерата. Словакот Петер Саган (Бора-Хансгрое) го совлада Алехандро Валверде (Мовистар) во нагорниот финиш пет секунди зад победникот, а топ 5 го комплетираа Едуард Прадес (Еускади) и Омар Фраиле (Астана).

Само 28 велосипедисти беа во главната „потера“ зад Галопан откако по неколку пада, се формираа повеќе групи во последните 20 километри на тесните кривини во ридовите на Мурсија.

Французинот Руди Молар (ФДЈ)  беше во таа група за да ја задржи лидерската црвена маичка, но неговиот најблизок ривал сега е Шпанецот Валверде, откако Квјатковски (Скај) имаше тежок пад на 8 километри пред крајот. Квјатковски се бореше да се врати во главната група, но на крајот заостана 30 секунди и сега е шести во генерален пласман со 1:06 заостанување. Незгоден пад имаше и шампионот од 2016 година, Наиро Квинтана (Мовистар).

Scroll to Top