Top Sport

Запален олимпискиот факел за ЗОИ во Пјонгчанг

Во древната Олимпија во вторникот е запален олимпискиот факел со кој на 9 февруари 2018 година официјално ќе бидат отворени Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја.

Факелот е запален со пламенот од пробата што беше одржана во понеделникот затоа што денес било невозможно да се запали со помош на конкавен рефлектор бидејќи над древната Олимпија немало сонце.

На кратката церемонија во Олимпија присуствуваше и премиерот на Јужна Кореја, Ли Нак Јеон, додека поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Парк Ји Сунг, беше првиот спортист од оваа земја што го понесе факелот.

Факелот на Парк Ји Сунг му го предаде грчкиот нордиец Апостолис Агелис, кој со факелот прв истрча од древниот стадион.

Олимпискиот факел во Јужна Кореја ќе пристигне на 1 ноември.

Зимските олимписки игри во Пјонгчанг ќе започнат на 9 февруари, ќе завршат на 25 истиот месец, а спортистите ќе се натпреваруваат во седум спортови, 15 дисциплини, односно во 102 натпреварувања.

Scroll to Top