Јориен Тер Морс го освои петтото олимписко злато за Холандија во брзо лизгање во Пјонгчанг, поставувајќи нов олимписки рекорд на 1.000 метри.
Тер Морс, која во Сочи пред четири години беше златна на 1.500 метри имаше време од 1:13.56, за победа пред две Јапонки, Нао Кодаира и Михо Такаги.
„Не знам што друго можев да направам. Мислам дека имав совршена трка“, вели Тер Морс, која ја почна сезоната со повреда на коленото, а потоа пропушти трки од Светскиот куп поради повреда на грбот.
Утре Холанѓаните имаат шанси и за шесто злато, на „маратонот“ од 10.000 метри, каде што фаворити се Свен Крамер и Јорит Бергсма.
Слична доминација како Холанѓаните во санкањето имаат Германците во санкањето. Тобијас Вендл и Тобијас Арлт ја одбранија титулата во двојки победувајќи ги Австријците Пегтер Пенц и Георг Фишлер, додека бронзата отиде кај уште еден германски двоец, Тони Егерт и саша Бенекен.
Доколку Феликс Лох не „киксираше“ во последното четврто возење во сингл, Германија ќе имаше три злата во три дисциплини. Сепак, по три трки, тие сега имаат две злата и вкупно пет медали.
„Немам зборови за тоа колку е значајна Олимпијадата за нас. Атмосферата беше неверојатна“, вели Арлт.