Канаѓанецот Мајкл Кингсбјури ја освои единствената титула која му недостасуваше во кариерата, освојувајќи го златото во фристајл скијање, дисциплина могулс во Пјеонгчанг за да потврди дека е најдобриот во историјата на спортот.
Кингсбјури освои сребро во Сочи во 2014 година, по што ги освои титулите од Светскиот куп во дисциплината и во генерален пласман. Канаѓанецот има рекордни 48 победи од Светскиот куп, и е во низа од 13 победи едноподруго.
„Сочи беше сосема поинакво натпреварување, но не би ги сменил тие искуства. Имав медал во првата Олимпијада. Како да бев во Дизниленд. Сега знам каде одам“, вели 25-годишниот Кингсбјури, кој го освои петтиот медал за Канада во два дена натпреварување во Кореја.