Top Sport

ЗОИ Пјонгчанг: Кореја со првиот гол, но Чесите со победата

Чо-Мин Хо го постигна првиот хокеарски гол во историјата на Јужна Кореја, откако домаќините со поддршка од гласната публика (и славните чирлидерки), успеаја да ги намачат фаворитите за златото, Чесите, пред да загубат со 2:1.

Домашниот тим имаше водство од 1:0 во првата третина од мечот, но Чесите до крајот на третината постигнаа два гола за да обезбедат предност, по што издржаа за со победа да го стартуваат олимпискиот турнир во Пјонгчанг.

Со поранешниот НХЛ играч Џим Паек како тренер, Кореја влезе на турнирот како 21-рангирана репрезентација во светот, додека Чесите се на шестото место. Следниот меч за Кореја е против Швајцарија, со која би можеле да направат изненадување.

Во вториот меч од групата А, Канаѓаните, кои и без своите многубројни НХЛ ѕвезди се едни од фаворити, немаа проблеми и со 5:1 ги „смачкаа“ Швајцарците. Крис Бурк постигна два гола, Војтек Волски исто така двапати го смести пакот во мрежата, додека Дерек Рој имаше три асистенции – триото на поранешни НХЛ играчи кои ветуваат силен турнир за актуелните шампиони.

Во групата Ц, Финците со 5:2 ги надиграа Германците, додека Швеѓаните, уште едни вечни фаворити за титулата, со 4:0 ги совладаа норвешките соседи. Шведска играше без еден од своите најталентирани млади играчи Расмус Далин, кој има грип, но немаа проблем со слабите Норвежани, и со головите на Пар Линдхолм, Антон Ландер, Денис Еверберг и Микаел Вистранд стигнаа до победа обезбедена уште во првата третина.

ГРУПА A

Чешка – Јужна Кореја 2:1

Швајцарија – Канада 1:5

ГРУПА Ц

Финска – Германија 5:2

Норвешка – Шведска 0:4

Scroll to Top