Top Sport

ЗОИ: Швеѓаните се намачија, Русите ги вратија Словенците во реалноста (видео)

Шведска благодарение на голот на ветеранот Виктор Сталберг стигна до неочекувано тешка 1:0 победа над Германија за заедно со Финска да се на врвот на Ц групата на хокеарскиот турнир во Пјонгчанг, откако Финците со 5:1 ги декласираа Норвежаните.

Сталберг, поранешниот играч на Торонто, Нешвил, Њујорк ренџерс, Каролина, Отава и Чикаго, го совлада германскиот голман по само две минути игра, по што во следните две третини „трите круни“ се мачеа да ја срушат силната германска одбрана.

Швеѓаните сега во дуел за првото место ќе се судрат со Финците, кои со 5:1 ја совладаа Норвешка, иако имаа проблеми на стартот. Норвежаните, кои никогаш немале тим од величината на нордиските соседи Финска и Шведска, поведоа во првата третина преку Патрик Торесен по 6 минути игра, но до крајот на третина Елви Толванен израмни на 1:1. Толванен додаде уште еден гол во втората третина, пред во последната да проработи нападот на Финците со головите на Савиаинен, Леписто и Манинен.


Рускиот хокеарски тим, конечно, изгледа како фаворит во Пјонгчанг, откако со 8:2 ги „прегазија“ Словенците за да се оправдаат за 3:2 поразот од Словачка во првото коло.

Кирил Капризов, младиот хокеар кој веќе е на платниот список на Минесота вајлд имаше хет-трик за импресивна победа над Словенците, кои во првото коло ги шокираа Американците со 2:1 победа во продолжение.

„Ние сме истиот тим кој го гледавте во првиот натпревар. Само тогаш игравме добро само пет минути, а денеска игравме цел час како што треба“, вели ветеранот Илја Ковалчук, кој имаше два гола.

Последниот меч во групата Б, Русите го играат со Американците, кои се вратија од шокот со 2:1 победа над Словачка, благодарение на двата гола на Рајан Донато во меч во кој играа далеку подобро од фијаското против Словенците.

„Секако, утре очекуваме подобар меч и поконкурентен. САД се секогаш САД, така што нема да биде лесно. Нашите најдобри играчи сега постигнаа голови и тоа е важно пред голем натпревар“, вели поранешниот напаѓач на Бафало сејберс, Михаил Григоренко.


ГРУПА Б

САД – Словачка 2:1

Олимписки спортисти од Русија – Словенија 8:2

Табела: 1.САД 4, 2.Словачка 3, 3.Русија 3, 4.Словенија 2

ГРУПА Ц

Финска – Норвешка 5:1

Шведска – Германија 1:0

Табела: 1.Финска 6, 2.Шведска 6, 3.Германија 0, 4.Норвешка 0

Scroll to Top