Најдобрата хрватска ракометарка на сите времиња Андреа Пенезиќ по завршувањето на сезоната ќе стави крај на професионалната кариера. Пенезиќ планираше богатата кариера да ја заврши минатата година, но реши да одигра уште една сезона во Унгарија.
„Минатата година реков дека дека е готово, но потоа ме убедија да одиграм уште една сезона. Без оглед на тоа како играм, јас сакам да ја завршам кариерата. Тоа го правам поради приватниот живот и семејството“, рекла Пенезиќ.
Пенезиќ има 34 години, а во кариерата играла за Локомотива, Подравка, Крим, Вардар (2014-2018) и Сиофок.
Пенезиќ со Вардар има освоено четири трофеи во првенството и Купот на Македонија. Во Лигата на шампионите има две втори и две трети места.
Минатата година со Сиофок го освои Купот на ЕХФ.
Пенезиќ во период од 2008 до 2013 година е прогласувана за најдобра во Хрватска. За националниот тим одиграла 141 натпревар, постигнала 633 гола.