Вардар – Барселона е натпревар што ќе го обележи петтото коло во ракометната Лига на шампиони. По првите четири кола, тимовите се непоразени и имаат идентичен скор од три победи и еден нерешен резултат.
„За мене, Барселона е најголемиот противник. Имаат добри играчи со големо искуство. Ако сакаме да победиме, нашата одбрана мора да функционира. И нападот ќе мора да функционира добро бидејќи Де Варгас е многу добар голман“, рече на денешната прес-конференција тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.
Покрај ривалитетот, продолжување на серијата без пораз, Вардар ќе сака да ѝ се реваншира на Барселона за единствениот пораз од почетокот на годината. На неофицијалното светско првенство за клубови Барса славеше 32:29.
„Барса е една од најдобрите екипи во светот. Оваа сезона таа ни го нанесе досега единствениот пораз на „Супер Глоуб“ каде што не се прикажавме во најдобро светло. Се надевам дека ќе ја победиме тука. Атмосферата во екипата е добра, немаме повредени играчи и мислам дека со помош на нашите навивачи ќе можеме да ја победиме Барселона“, рече капитенот на тимот, Стојанче Стоилов, на чии зборови се надоврза тренерот Гонзалес.
„Сега сме многу подобри. На „Супер Глоуб“ не започнавме како што сакавме. Против Барселона ние одигравме катастрофално во првите 15 минути, потоа кога Барселона имаше седум гола предност, ние имавме способност да стигнеме до нерешено“.
Натпреварот Вардар – Барселона се игра в сабота од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.