Европската ракометна федерација (ЕХФ), според очекувањата, службено и ја додели победата на Швајцарија против Босна и Херцеговина по што Швајцарците изборија пласман во баражот за Светското првенство во Германија и Данска наредната година.
Во решавачкиот натпревар во групата за пласман во баражот, Босна и Херцеговина ја победи Швајцарија 21:15, но по мечот Швајцарците вложија жалба до ЕХФ, бидејќи играчот Томислав Ниуќ настапил, а воопшто не бил пријавен во протоколот за овој меч.
Повредата на правилата ја констатирал и делегатот на натпреварот кој на 13.јануари се одигра во Тузла.
ЕФХ денес ја прифати жалбата на Швајцарците, го регистрира натпреварот со 10:0 за Швајцарија, поради што Босна и Херцеговина иако на теренот се избори сепак нема да игра во јунскиот бараж.
Бараж дуелите на програмата се во јуни годинава, а Швајцарија за противник ја доби селекцијата на Норвешка.