Ракометното правило за игра во нападот „7 на 6“, има се повеќе противници меѓу поранешните и активните играчи.
Во текот на Светскоот првенство во Египет, француската легенда, Никола Карабатиќ, побара да се укине ова правило. Експресно поддршка доби од поранешниот француски репрезентативец Жером Фернандез, од легендата на Хрватска, Петар Метличиќ и од селекторот на женската репрезентација на Хрватска Ненад Шоштариќ.
Против ова правило е и поранешниот играч на Металург и Вардар, сега ѕвезда на Барселона, Лука Циндриќ.
„Не ми се допаѓа тоа правило, би сакал да го укинат. Напаѓачите и целиот тим се во грч, играат како да се оковани. Играта „7 на 6 “ е статична, само чекаш да се случи нешто. Јас не сакам таков ракомет. Кога го имплементираа тоа правило мислам дека целта беше да им се помогне на послабите екипи, да можат полесно да постигнат гол кога играат против посилен противник. Сепак, јас сум против ова правило. Правилото „7 на 6“ го убива ракометот“, рекол Циндриќ за „Балкан-Хандбал“.