Во Германија, домот на европските шампиони во ракомет, не го кријат задоволството по хаотичната завршница на мечот со Словенија, во кој „извлекоа“ 25:25 реми по одлуката на литванските судии да го исклучат Блаж Благотиншек и да им доделат пенал на Германците.
За конечниот резултат од мечот се чекаше десетина минути, додека судиите ги разгледуваа видео-снимките и решија да му дадат на Благотиншек црвен картон поради попречување на изведување на играта од центарот.
„Видеото го спаси нашиот тим. Ти благодариме видео-технологија“, напишаа на насловната на „Билд“ и додадоа: „Се работеше за ракометен трилер каков што не сме виделе“.
И „Билд“ ги цитира ракометните правила, за кои словенечкиот селектор Веселин Вујовиќ изјавуваше дека не ги познава.
„Ако играчот кој брани ги прекрши правилата во последните 30 секунди, добива црвен картон, а противникот автоматски добива удар од седум метри“, објаснува „Билд“.
Голманот Силвио Хајнефетер вели дека правилата ги знаел и тој и судиите Миндаугас Гателис и Ваидас Мазеика.
„Го знаев тоа правило и се обидував да им го објаснам на судиите. Имаше тројца Словенци пред Друкс и тоа не беше дозволено“, изјави Хајнефетер.
Сепак, Каи Хефнер признава дека не видел такво нешто во својата кариера.
„Играм ракомет долго време, но не сум искусил ништо слично“, вели Хефнер за весникот „Остзе цајтунг“.