Олимпискиот турнир во Токио ќе мине без ракометната велесила Хрватска. Хрватите, на квалификацискиот турнир во Монпелје завршија на третото место, со две победи и пораз. Ваков скор имаа и репрезентациите на Франција и Португалија. На крајот пресуди гол-разликата.
Португалија, во последниот натпревар на турнирот, со неверојатен пресврт, во луда завршница и со голот на Силва ја победија Франција со 29:28.
Франција испушти предност од три гола во последните три минути. Хрватите се сомневаат во чесноста на нивните големи ривали.
„Не го гледав натпреварот, но малку е чудно што ја испуштија предноста од три гола во финишот. Такви работи не и се случуваат на Франција. Добивме два натпреари на турнирот, не успеавме да ја победиме Франција, поради тоа испаднавме“, рекол селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват.
Хрватска по две децении нема да учествува на ракометниот турнир на Олимписките игри.