Шампионот од ракометната Лига на шампиони, Монпелје доживеа нов пораз во натпреварувањето, седми во низа, откако Рајн-Некар Левен ги совлада со превисоки 10 гола разлика 37:27 (16:13).

Ова е рекордно лош старт за еден европски шампион, додека германскиот клуб ја задржува стоотстотната успешност на домашен терен за четврта победа, и сега се израмнува со Вардар и со Барселона на врвот на групата.

Домаќините стигнаа до водство од 4:1 на почетокот на мечот, и потоа до крајот во ниту еден момент не му дозволија на гостинот да направи изненадување, зголемувајќи ја предноста на 10:5, пред Монпелје да се „разбуди“ и на полувреме да се отиде со 16:13. Во второто полувреме, со одлична одбрана, РНЛ зголеми на 27:20, а 39-годишниот ветеран Гудјон Валур Сигурдсон имаше неверојатни 11 голови.