Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Талевски, во специјално дизајнирани патики, ќе ги игра натпреварите на Светското првенство кое вечерва ќе започне во Данска и Германија.
Левиот бек на Рајн Некар неодамна стана татко, а веста раѓањето на ќерката Софиа ја сподели преку фотографија на социјалните мрежи.
Ракометарот, кој ретко го споделува приватниот живот во јавноста, лани летото се ожени со Ена, Македонка што живее во Германија, а која ја запозна кога почна да игра за еден од најдобрите германски клубови Рајн Некар. Ова е нивно прво дете.
Талески со македонската репрезентација од вчера е во Минхен, Германија, каде националниот тим ќе ги игра своите натпревари во рамките на Б-групата.
Патиките што ќе ги носи на ракометниот Мундијал за него ги насликал Сатја Грабулоски. Освен името на ќерката, на нив е нацртан и неговиот лик, а напишано е и името на неговата сопруга, Ена.
По завршувањето на првенството, Талески патиките ќе ги даде на аукција, а парите од продажбата ќе ги донира во хуманитарни цели.