Тренерот на ППД Загреб, Касим Каменица не го криеше разочарувањето од тешкиот пораз од Вардар во Лигата на шампиони откако претходно загрепчани најавуваа изненадување против европскиот шампион.
На крајот, Вардар победи со 29:23, иако во текот на мечот имаше и поголема предност со игра која на моменти наликуваше на лесен тренинг.
„Не успеав само во една работа која ја барав од играчите. Им кажав дека не смеат да влезат во натпреварот со голема почит за Штербик, а тие го направија токму тоа. Го разбранија и не уништи. Ни ги ’кинеше’ зицерите како од шега. Ако сакате да го победите Вардар, тоа не смее да ви се дозволи. Кога отидоа на +5, немавме шанси да се доближиме. Разликата беше преголема“, вели Каменица за „Вечерњи лист“.
Со него се согласува и хрватскиот ветеран Вори.
„Човекот имаше 14 одбрани за 30 минути. Што друго да кажам? Нападот потфрли во целосен поглед, да не кажам некој полош збор. Имавме волја и мотив да направиме голем резултат, но тоа не се случи“, вели Игор Вори.