Top Sport

Кристијансен: Полу-финалето е претешка задача за Македонија

Најдобриот дански играч на сите времиња Ларс Кристијансен е еден од оние кои до детали го следат Европското првенство во Хрватска. По натпреварот во кој Данска ја совлада Словенија 31:28 и ја забележа првата победа во втората фаза одговорил на неколку прашања за специјализираниот ракометен портал „Балкан хендбол“ (balkan-handball.com).

Две од прашањата на кои одговорил најдобриот стрелец во историјата на Фленсбург се поврзани со македонската репрезентација која е апсолутен хит на првенството. Македонија забележа две победи и реми во Групата-Ц и со три бода, како лидер на табелата влезе во втората фаза.

Кристијансен одговарајќи на прашањата на новинарот на порталот рекол дека не е изненаден од успехот на Македонија.

„Не сум изненаден, тие го играат она што го играат со години наназад играат. Сите знаат дека тоа е новната игра, дека се добар тим, способен да ги победи најдобрите. Но, нивниот проблем е што не играат со 16 ракометари, малкумина се во ротацијата, што значи дека многу се трошат. Не се млада екипа, но тоа не мора да биде проблем. Од моја перспектива, Данска мора да ја победи Македонија, тука нема никакви дилеми“, рекол Кристијансен и прокоментирал какви се шансите Македонија да влезе во полу-финалето.

„Секако дека се е возможно, но за да успеат мора да играат многу, многу добро. Над своите реални можности. Никој не очекуваше Чешка да ги победи Данска и Унгарија, но и тоа се случи. Тоа е доказ дека турнирот е отворен и дека не е паментно да се даваат прогнози. Според моето мислење, полу-финалето е сепак претешка задача за македонските квалитети“, завршил Кристијансен.

Македонија вечерва (20:30 часот) против Шпанија ќе го одигра првиот натпревар во новоформираната Група 2, два дена потоа „црвено-жолтите“ ќе играат против Чешка (20:30 часот), а на 24.јануари е дуелот со Данска (18:15 часот).

Scroll to Top