Top Sport

Лејно не дозволи сензација, Вардарки го совладаа Ларвик

Ракометарките на Вардар ја забележаа четвртата победа во Ц групата, во Лигата на шампионките, откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа ларвик 30:27 (10:11).

Вардарки пред две недели го декалсираа Ларвик во Норвешка, но на домашен терен со малку повеќе труд стигнаа до победата.

Избраничките на Ирина Дибирова ги потценија своите противнички, најмногу и поради убедливата победа во првиот меч. Целосна сензација во Скопје спречи голманката Амадин Лејно која имаше фантастични 20 одбрани.

Иако „црвено-црните“ на почетокот бргу стигнаа до предност од два гола (4:2, 7:5), младите ракометарки на Ларвик со серија од четири гола го презедоа водството 8:10, а по првиот дел имаа гол предност 10:11.

Вардарки малку ја стабилизираа играта во вториот дел и благодарение на Лејно се „одлепија“ на четири гола од противникот (16:12, 20:16) но потоа повторно заиграа летаргично и им дозволија на Норвежанките на шест минути пред крајот да израмнат на 25:25.

На крајот пресврт не се случи бидејќи пресудија искуството и квалитетот, односно голманката Лејно.

Француската репрезентативка со 20 интервенции беше прво име на натпреварот, а најефикасна беше Андреа Пенезиќ со седум гола, која на овој натпревар дојде до бројката од 300 погодоци во дресот на Вардар.

Scroll to Top