Македонската женска ракометна репрезентација загуби со 27:37 во втората контрола со Б составот на Норвешка. Во израмнетото прво полувреме, Норвежанките успеаја со серија од неколку последовни гола во финишот да избегаат на два гола предност на паузата. Во вториот дел Норвешка ја потврди разликата во квалитетот и избега на висока разлика и го затвори дуелот со убедлива победа од 10 гола.
Селекторот Љубомир Савевски им даде шанса и на најмладите репрезентативки од македонскиот тим. Стојковска со шест гола, сите постигнати во првото полувреме беше најефикасна во нашиот состав.
Македонската селекција е во подготовки за настапот на Европското првенство на кое сме ко-домаќини заедно со Словенија и со Црна Гора, а кое почнува на 4. ноември. Нашиот национален тим првиот натпревар ќе го одигра на 5. ноември против Франција. Во нашата група се и Холандија и Романија.
Фото: Игор Паневски