Top Sport

„Немаме ниту евро во касата, можеби БиХ ќе мора да го откаже настапот на ЕП“

Потпретседателот на Ракометната федерација на Босна и Херцеговина Асим Шахман потврдил дека поради финансиски проблеми неизвесно е учеството на репрезентацијата на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска.

Босна и Херцеговина прв пат во својата историја избори пласман на ЕП, а ждрепката ги смести во Д-група заедно со ко-домаќинот Норвешка, Франција и Португалија.

Меѓутоа поради блокираната сметка на Федерацијата и долгот од 850.000 евра неизвесен е почетокот на подготовките на БиХ за Европското првенство. Доколку државата не им помогне лесно може да се случи БиХ да го откаже учеството на континенталното првенство.

„Немам ниту едно евро за да ги почнеме подготовките. Без да уплатиме аванс не можеме да влеземе во ниту еден хотел. Во овој момент не знам дали воопшто ќе ги започнеме подготовките. Сите мислат дека работите сами од себе ќе се средат во последен момент бидејќи е незамисливо репрезентацијата да не отпатува на ЕП, меѓутоа доколку државата не ни помогне немаме друга опција“, изјавил за „Дневни аваз“, Шахман дополнувајќи дека претходното раководство прикажувало лажни податоци во врска со работењето.

Според него Владата на Федерацијата на БиХ и на сараевскиот кантон биле подготвени да помогнат но поради блокираната сметка немале каде да ги уплатат парите.

Инаку според распоредот на ЕП, репрезентацијата на БиХ првиот меч треба да го одигра на 10 јануари против Норвешка.

Scroll to Top