Бешикташ го совлада Металург 32:29 (13:15), во осмото коло во Д групата, во ракометната Лига на шампионите. Металург со овој пораз, петти во групата, ги загуби и теортските шанси за освојување на втората позиција и пласман во осмина-финалето.
Бешикташ во четвртиот меч кој го одигра на домашен терен во Лигата на шампионите ја забележа првата победа, а вкупно трета во сезоната, која му дава надеж дека може да заврши зад Монпелје, односно да стигне до нокаут фазата.
Металург во Истанбул, демонстрираше дел од слабостите кои ги покажуваа оваа сезона. Тимот не може во ист ритам да одигра 60 минути, одбраната е далеку од посакуваното ниво, а и голманите не се во вистинска форма.
Играчите на македонскиот вицепрвак го контролираа ритамот во првиот дел, кога бе поголеми проблеми го држеа противникот на негатива од два до три гола. Имаше Металург во првиот дел три пати и предност од четири гола, но во последните две минути техничките грешки во нападот му овозможија на Бешикташ да ја намали а два гола (15:13).
Металург успеа да ја одржува предноста уште само во почетните пет минути во второто полувреме, кога предводени од голманот Хендави и плејмејкерот Прибак, играчите на Бешикташ направија серија 6:1 и од негатива 15:18, стигнаа до предност 21:19. Бешкиташ ја зголеми предноста на четири гола (25:21) во 49.минута, а иако Металург успеа да пет минути до крајот да се доближи на гол негатива, играчите немаа сили и доволно концентрација за целосен пресврт.
Кузмановски и Илиќ со по шест гола беа најефикасни кај Металутг, во чии редови најмногу потфрлија голманите Арсиќ и Томовски кои заедно имаа четири одбрани, десет помалку од брилијантниот Хендави. Кај Бешикташ најефикасни со по седум гола беа Вражалиќ и Озбахар Толга, а ветеранот Донер постигна шест.
Хендави 16 одбрани
Металург во Д групата ќе одигра уште два натпревари, против Мотор Запорожје на 25.ноември во Скопје и во Лисабот против Спортинг на 2.декември.
фото/rkmetalurg.mk